Објавено на 10.07.2026
Собранието донесе нов Закон за финансиски лизинг („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 148/2026), со кој се заменува досегашниот Закон за лизинг од 2002 година. Законот влегува во сила на денот на неговото објавување, односно на 6 јули 2026 година. Иако основните принципи на финансискиот лизинг остануваат непроменети, новиот закон воведува значителни измени за усогласување на работењето на давателите на финансиски лизинг.
• Законот подетално ги уредува основањето, работењето и надзорот на давателите на финансиски лизинг, ги разработува условите за добивање дозвола, условите што треба да ги исполнуваат основачите и членовите на органите на управување, како и постапките за добивање претходни согласности од Министерството за финансии.
• Основната главнина за друштвата што вршат финансиски лизинг е зголемена петкратно, од најмалку 6.000.000 денари на најмалку 30.000.000 денари.
• За првпат експлицитно се дефинира поимот оперативен лизинг, со јасно разграничување од финансискиот лизинг.
• Дополнително се зајакнува заштитата на називот „лизинг“, при што само лиценциран давател може да го користи овој назив во своето фирма. Предвидена е и санкција за негова злоупотреба, во износ од 800 до 6.000 евра, зависно од големината на трговецот.
• Законот за првпат утврдува и конкретен надоместок за поднесување барање за дозвола во износ од 600.000 денари, додека претходно ова прашање беше регулирано супсидијарно преку Законот за административните такси.
• Новиот закон подетално ги пропишува задолжителните елементи на договорот за финансиски лизинг (предмет, вредност, рати, услови за користење, осигурување, раскинување, решавање спорови и др.), при што нотарската заверка останува задолжителна.
• Новиот закон изречно му овозможува на корисникот предвремена, целосна или делумна отплата на обврските без дополнителни трошоци, со сразмерно намалување на вкупните трошоци. Ваква одредба не беше предвидена во стариот закон.
• Се укинува ограничувањето според кое вкупните побарувања на давателот по основ на договори за финансиски лизинг не смеат да го надминат десеткратниот износ на основната главнина и резервите.
• Прекршочните санкции се значително зголемени, а воведена е и нова највисока глоба од 40.000 до 50.000 евра доколку давателот, по одземањето на дозволата, не поднесе предлог за ликвидација или стечај во рок од 30 дена.
Постојните даватели на финансиски лизинг се должни да го усогласат своето работење со новиот закон во следните рокови: 12 месеци за висината на основната главнина, 6 месеци за условите што ги исполнуваат членовите на органите на управување и 3 месеци за одредбите што се однесуваат на содржината на договорот и предвремената отплата. Неусогласувањето претставува основ за одземање на дозволата.
На договорите за финансиски лизинг склучени, како и на постапките започнати пред денот на влегувањето во сила на новиот закон, ќе продолжат да се применуваат одредбите од стариот Закон за лизинг. Со влегувањето во сила на новиот закон, Законот за лизинг престанува да важи.
Иако целта на законодавецот е очигледно насочена кон зајакнување на регулаторната рамка и финансиската стабилност на секторот, останува да се види како новите барања ќе се одразат врз пазарот. Имено, во услови кога на македонскиот пазар, според последните податоци од април 2026 година, функционираат само седум даватели на финансиски лизинг, не е исклучено повисоките капитални и организациски барања да претставуваат дополнителна бариера за влез на нови субјекти, со потенцијално влијание врз степенот на конкуренција во оваа дејност.
