Објавено на 07.08.2026
Северна Македонија ја унапредува правната рамка за развој на дата-центри
Собранието на Република Северна Македонија неодамна донесе измени на Законот за урбанистичко планирање и Законот за градење, со кои се воспоставува поповолна правна рамка за развој на дата-центри и соодветната енергетска инфраструктура. Измените стапија во сила на 18 јуни 2026 година и претставуваат дел од пошироки реформи насочени кон привлекување инвестиции во дигитална инфраструктура и усогласување на домашната регулатива со современите потреби на инвеститорите.
Поедноставени урбанистички постапки
Измените на Законот за урбанистичко планирање воведуваат поедноставен режим за урбанистички планови поврзани со дата-центри, како и со придружни капацитети за производство и складирање електрична енергија. За разлика од стандардната постапка, која подразбира стручна расправа и јавна презентација проследена со јавна анкета при изработката на урбанистичките планови, новите правила предвидуваат олеснета, односно забрзана постапка. Според оваа постапка, се спроведува само јавна презентација, со значително пократки рокови и без јавна анкета или стручна расправа.
Ова решение треба да придонесе за побрзо подготвување и реализирање на проектите, со намалување на административните бариери и зголемување на предвидливоста во раните фази на развојот.
Дата-центрите препознаени како посебна категорија објекти
Измените на Законот за градење за прв пат изрично ги препознаваат дата-центрите во категоризацијата на објектите. Објектите наменети за чување и складирање на дигитални податоци се вклучени во листата на објекти од прва категорија.
Иако измените не воведуваат посебна постапка за добивање одобрение за градење, тие ја отстрануваат досегашната правна нејасност околу класификацијата на ваквите објекти. На овој начин, инвеститорите уште од самиот почеток можат да утврдат кои одобренија и административни постапки ќе бидат потребни за реализација на проектот. Ова овозможува подобро планирање, поголема правна сигурност и намалување на ризикот од дополнителни толкувања во текот на постапката за одобрување.
Воедно, поголемата јасност придонесува и за засилена сигурност кај банките и другите финансиски институции што би можеле да финансираат вакви проекти.
Дел од поширока регулаторна рамка
Овие измени се надополнуваат со Законот за безбедност на мрежни и информациски системи (Законот за сајбер-безбедност), донесен во 2025 година и применлив од почетокот на 2026 година. Законот воведува сеопфатни обврски поврзани со безбедноста на податоците, корпоративното управување и пријавувањето инциденти за оператори на суштински и важни субјекти, вклучително и даватели на дигитална инфраструктура, со што домашната рамка се доближува до стандардите утврдени со Директивата NIS2 на Европската унија.
Во овој контекст, важно е да се има предвид и Законот за заштита на личните податоци, кој е во сила веќе неколку години и во голема мера ја усогласува домашната правна рамка со Општата регулатива за заштита на податоци на Европската унија (GDPR).
Стратешка можност за развој на дигитална инфраструктура
Севкупно, овие законски измени јасно ја покажуваат насоката на јавните политики кон олеснување на развојот на дигиталната инфраструктура во Северна Македонија. Измените на Законот за урбанистичко планирање ја поедноставуваат планирачката постапка, измените на Законот за градење обезбедуваат поголема правна сигурност во однос на статусот на дата-центрите, а правната рамка за сајбер-безбедност и заштита на личните податоци создава сигурна и предвидлива оперативна средина. Заедно, овие реформи создаваат попривлечна регулаторна рамка за инвеститори што размислуваат за развој на проекти за дата-центри во Северна Македонија.
Во овој контекст, значајно е и тоа што Министерот за дигитална трансформација неодамна го најави планираниот развој на Национален Tier III Data Center како клучен проект за зајакнување на дигиталната инфраструктура и овозможување безбедни и отпорни дигитални јавни услуги. Министерот посочи дека студијата за изводливост ја потврдила техничката и финансиската одржливост на проектот, а следната фаза се фокусира на обезбедување на локацијата, моделот на финансирање и партнерствата за имплементација. Оваа иницијатива дополнително укажува дека неодамнешните законски измени се дел од поширока стратегија за поттикнување инвестиции во дата-центри и дигитална инфраструктура.
За повеќе информации во врска со новата регулаторна рамка или за правна поддршка при планирање и реализација на проекти за дата-центри, DDK Attorneys at Law стои на располагање за советување на домашни и странски инвеститори во сите фази на развојот на вакви инвестиции.
