Новиот закон за заштита на личните податоци („ЗЗЛП„) беше донесен и објавен во 2020 година, следејќи ја, скоро во целост, содржината на Европската регулатива за заштита на лични податоци („GDPR”) особено во поглед на територијалната примена на законот, обврската за задолжително именување на офицер за заштита на лични податоци, обврските на контролорите и обработувачите на лични податоци, спроведување на проценка на влијанието на заштитата на личните податоци, известување при нарушување на безбедноста на лични податоци, итн..

 

Слично како со GDPR, и ЗЗЛП, определи период од 18 месеци за усогласување на контролорите и обработувачите со одредбите од ЗЗЛП. Дополнително, истиот период беше предвиден за носење на подзаконските акти, пришто Агенцијата за заштита на личните податоци (правниот следбеник на Дирекција за заштита на лични податоци) („Агенција„) истите ги донесе во текот на месец мај 2020 година, со што се комплетираше законската регулатива за личните податоци. Измени на законот беа објавени кон крајот на декември 2021 година, но истите беа само во насока на терминолошко усогласување на постоечките одредби. Во истиот период, од страна на Агенцијата беа донесени и стандардните договорни клаузули за договорите за обработка склучени на релација контролор-обработувач, како и клаузули за цели на пренос на лични податоци во трети земји.

 

Предвидениот период за усогласување со одредбите од ЗЗЛП истече на 24 август 2021 година, после што во соопштение на Министерството за правда на РСМ беше оставен дополнителен шест месечен период за усогласување на контролорите и обработувачите со одредбите на ЗЗЛП, во којшто период, засегнатите контролори и обработувачи не беа предмет на изрекување на глоби од Агенцијата, доколку Агенцијата, по своја иницијатива или по доставено барање од трети лица, утврдеше дека истите не се усогласени со одредбите на ЗЗЛП.

 

Сепак, по скоро една година од изминувањето на периодот на усогласеност со ЗЗЛП, овој процес е актуелен и баран како услуга особено за адвокатските друштва и адвокати што активно ја работат оваа област. Во таа насока, Адвокатското друштво ДДК е гордо што листата на задоволни клиенти усогласени со одредбите од ЗЗЛП се повеќе расне, земајќи во предвид дека новата регулатива секојдневно поттикнува нови дилеми коишто се голем предизвик за нашиот тим.

Share this: