
Прекршочни постапки и изречени санкции од страна на КЗК
Комисијата за заштита на конкуренцијата на Северна Македонија (КЗК) покажа значително зголемена активност во текот на 2025 година, што ги одразува институционалните приоритети и подобрениот капацитет на КЗК за спроведување на законите во нејзина надлежност, пред се Законот за заштита на конкуренцијата и Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.
Комисијата во текот на 2025 година спроведе сериозно поголем број на прекршочни постапки споредбено со изминатите години и изрече санкции во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
Спектарот на утврдени прекршоци е опширен и опфаќа: забранети договри – картели, забранети одлуки – усогласено однесувуње на конкуренти, непријавени концентрации, злоупотреба на доминантна позиција, недоставување на точни и целосни информации.
Динамиката на КЗК во спроведување на Законот за забрана на нефер трговски практики е еднакво активна, каде на удар беа поголемите ланци на супермаркети, очекувано со оглед да законот предвидува санкции за нефер практики за купувачите, а супермаркетите се најголемите „купувачи“ во синџирот на снабдување на прехранбени производи.
„Популарните“ Картели
КЗК детектираше картели во неколку индустрии: ланци на супермаркети, осигурителни компании и најави можен картел кај автошколи. Ако на ова се додаде дека во 2025 година Вишиот управен суд ја потврди одлуката на КЗК за утврдено незаконито договарање на економски оператори во јавни набавки на лекови, може да се каже дека институтот картел во рамките на своето постоење достигна најголема популарност во 2025 година.
Картелите се забранети договори, одлуки и/или усогласено однесување меѓу две или повеќе претпријатија со цел усогласување на нивното однесување како конкуренти, особено преку фиксирање цени или други услови на тргување, ограничување на производство, поделба на пазари, договарање при учество на тендери, ограничување на увоз или извоз и сл.
Санкционираните картели претежно се оценети како договори „со цел“ за ограничување на конкуренцијата или т.н. антиконкурентски договори “by object”, каде КЗК не се впушта во утврдување, дали навистина имало ефекти на ограничување на конкуренцијата како последица, туку зазема став дека е доволно што истите имаат за цел ограничување на конкуренцијата за да бидат штетни и санкционирани.
Од утврдените картели, најчест облик е договарање и координирање активности за фиксирање на цени или ценовни политики од страна на учесниците во картелот, но исто така утврден е картел кои се однесува на поделба на пазарот помеѓу конкуренти кои се договориле за поделба на купувачите на одредена територија кои ќе ги снабдуваат.
Доказите варираат – од формални писмени договори, до неформална комуникација, средби и активности во рамки на здруженија. Членството во здруженија, професионални форуми и работни групи само по себе не е проблем, но линијата се преминува кога се разменуваат чувствителни комерцијални информации: цени, рабатни политики, акции, планови за зголемување или намалување на цени, поделба на клиенти или територии.
Изречените казни ни малку не се за потценување: за картел на четири големи малопродажни супермаркети и трговска комора изречени се вкупни казни од приближно 219.000 евра; за картелско однесување во задолжителното осигурување од автомобилска одговорност изречени се казни од вкупно 280.000 евра; две фармацевтски компании за картелско однесување во постапка за јавна набавка на лекови, се задолжени со казни од приближно 1.782.000 евра.
Злоупотреба на доминантната позиција
Самата доминантна позиција не е забранета, но злоупотребата е, особено кога се состои од наметнување нееднакви услови за тргување во исти трансакции, неоправдано одбивање за тргување, наметнување обврски кои не се неопходни за основниот предмет на деловниот однос, поделба на пазари итн.
Доминантна позиција постои кога едно претпријатие објективно има водечка позиција во однос на својата конкуренцијата, особено според пазарниот удел, финансиската моќ, пристапот до извори на набавка и способноста да ги диктира пазарните услови. Вообичаено, пазарен удел над 40% се смета за индикатор за доминантност.
КЗК во 2025 година утврди злоупотреба на доминантна позиција од страна на јавно претпријатие, кое врши снабдување на корисници со производи и услуги, преку наметнување на дополнителни обврски на корисниците за кои КЗК смета дека по својата природа не се неопходни за предметот на договорот. Конкретно, доминантното претпријатие во договорите со корисниците бара да биде изземен од секаква одговорност за евентуална штета на корисниите во случај на прекин во снабдувањето со договорените услуги, а поради прекини во снабдување со електрична енергинја на доминантното претпријатие од било кои причини. Ова е класичен пример кога комерцијално „логична“ клаузула може да биде правно проблематична во услови на доминантен пазарен удел.
Непријавени Концентрации
Во 2025 година КЗК санкционираше како домашни, така и странски правни лица кои реализирале трансакции без да достават известување и да добијат одобрување за истите од КЗК, со оглед да реализираните трансакции преставувале концентрации во смисол на законот и ги достигнуваат праговите за задолжително известување и одобрување од КЗК.
Странско правно лице е казнето за непријавување и спроведување на трансакција без поднесување известување и без предходно одобрение од КЗК со глоба од околу 60.000,00 ЕУР, што е една од повисоките санкции за ваков прекршок.
Концентрација настанува како резултат на спојување на две независни претпријатија или стекнување на контрола од страна на едно претријатије врз друго независно претпријатие или врз дел од бизнис на друго претпријатие. Во пракса најчеста форма на концентрација се стекнување на контролирачки удел, односно преземање на некое претпријатије или спојување на две претпријатија во едно друштво. Овие трансакции не се забранети, тоа се вообичаени форми на статусни, односно трговски промени регулирани со Закон за трговските друштва. Сепак ваквите трансакции може да доведат до концентрација на пазарната моќ на друштвата што се спојуваат или на друштвото што презема и да го направат пазарот силно концентриран, т.е. неконкурентен, што крајно може да биде на штета на купувачите. Затоа се прави оцена на ваквите трансакции од страна на КЗК пред истите да се реализираат и тоа доколку се исполнети праговите за задолжително известување на концентрациите.
Не сите трансакции се известуваат и одобруваат од КЗК, ниту пак сите концентрации по автоматизам имаат негативни последици. Праговите за задолжително известување се базирани на годишни приходи, домашни и странски, локално присуство, пазарни удели на учесниците во трансакцијата.
Не мора трансакцијата директно да ги засега пазарите во Северна Македонија, но сепак ако пропишаните прагови за известување се достигнати, мора да се поднесе известувањето и да се чека одобрување од КЗК пред реализацијата на трансакцијата. Затоа е критично навремено да се препознае кога една M&A трансакција бара претходно известување до КЗК, дури и кога нема очигледен локален ефект.
Непостапување по задолжение на КЗК
КЗК во 2025 година има изречено санкции према десетина друштва за не доставување на информации побарани од Комисијата, како и санкционирање, доставување на неточни и нецелосни податоци.
КЗК има законско овластување да побара податоци потребни за водење на прекршочни или управни постапки, од било кое друштво независно што истото не е странка во постапката за чии цели КЗК прибира информации, т.е, не мора да се работи за потенцијален сторител на прекршок или учесник во концентрација. Исто така КЗК има овлстување најавено или без предходна најава да изврши увид на лице место во деловни простории кај субјекти за кои се сомнева дека се вклучени во антиконкурентски активности и попречувањето на активностите на КЗК, или несоработување со КЗК се смета исто така за прекршок.
Исти овластувања на КЗК за прибирање информации, како и санкционирање на непостапување по задолжение или давање нецелосни и неточни информации, предвидени се за КЗК и во врска со спроведувањето на законот за нефер трговски практики.
Нефер трговски практики
Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март 2024 година, со предвиден шестмесечен грејс период за адаптација, кој неформално беше продолжен до крајот на 2024 година. Сосема очекувано, во 2025 година КЗК беше особено активна во спроведувањето на законот и оценувањето на неговите ефекти.
Додека за ефектите од законот има поделени мислења, за санкциите и спроведувањето на истиот нема дилема – во 2025 имаше засилени контроли и санкции за утврдени нефер практики.
Очекувано, ланците на супермаркетите се најдоа први на бранот на контроли на КЗК и дел од најголемите ланци на супермаркети се соочија со санкции.
Нефер практики кои КЗК ги утврди и санкционираше во 2025 година се: споделување или купување на информации, т.н. “data sharing“, неплаќање во законските рокови, немање на писмен договор со добавувачот, но и за отсуство на јасни општи услови за тргувањето утврдени во писмените договори.
Изречените сaнкции за нефер практиките се од 9.000 ЕУР па се до 20.000 ЕУР како највисока казна пропишана со законот.
Правна заштита против одлуките на КЗК
Одлуките на КЗК донесени и врз основа на законот за заштита на конкуренција и тие врз основа на законот за нефер трговски практики, може да се оспорат пред Управниот суд на Република Северна Македонија и со тоа се одлага нивното извршување, односно управниот спор ја суспендира на платата на санкциите. Последниот збор го има Вишиот Управен Суд, кој пак одлучува по жалбите против одлуките на Управниот Суд како првостепен суд.
Оттука, останува да се сочека судската пракса за да се потврди законитоста на постапувањето на КЗК во спроведувањето на законите, односно санкционираните постапувања да добијат статус на пракса во Северна Македонија, која иако не е извор на право и не е задолжителна, но сепак е значаен водич во толкувањето и примена на законите.
Што да очекуваме во 2026 година?
Имајќи го предвид темпото на КЗК во 2025 годинa очекувањата се истите, во најмала мера да се одржи или засили и во 2026 година. КЗК се повеќе ја остварува својата улога, – тоа е за поздрав – а неминовно тоа ќе поттикне и активност на управните судови во областа на конкурентското право и нефер трговските практики, што крајно ќе резултира со воспоставување на судска пракса која досега е прилично скромна. Истовремено се очекува повисок степен на информираност на претпријатијата за сериозноста на заштитата на конкуренцијата, како и промени во нивните стратегии и досегашни навики во работењето со цел да се усогласат со законските рамки.
Очекуваме КЗК да продолжи со усогласување на локалната регулаторна рамка со новините усвоени во Европската Унија, со оглед на тоа што во изминативе години имаше доста промени, ажурирања и ревидирања на ЕУ актите. Не е исклучена можноста и за измени и дополнувања на Законот за забрана на нефер трговски практики, во правец на негово подобрување и адаптирање на потенцијалните „предизвици“ во спроведувањето, доколку такви се детектирани во текот на практичната примена, вклучително и споменуваната можна промена во висината на казните со цел истите да имаат поголем ефект на одвраќање од потенцијални повреди.
Што советуваме? Редовно информирање и интерна контрола, превенираат несакани последици
„Подобро да се спречи отколку да се лечи“ дефинитивно е правилен совет за сите кои имаат сомнежи во разбирањето на овие закони и нивната примена во своето работење.
Додека Законот за забрана на нефер трговски практики предвидува санкции до најмногу 20.000 ЕУР, потенцијалните прекршувања на конкурентското право ги изложуваат претпријатијата на ризик од парични глоби до 10% од годишните приходи на претпријатието, дополнително на штетните последици по репутацијата.
Прекршувањата на Законот за заштита на конкуренцијата, преку склучување забранети договори или учество во забрането усогласено однесување со цел ограничување на конкуренцијата и остварување имотна корист од големи размери, се санкционирани и во Кривичниот законик.
Во предвид на овие санкции и активностите на КЗК, неспорно е дека времето за ад-хок пристап истекува – потребни се системски комплајанс програми, редовни внатрешни ревизии на договори и практики, јасно документирани процеси (особено за цени, попусти, ексклузивитети, клубови на добавувачи/купувачи), интерни обуки за менаџментот и продажните тимови, како неизбежен дел од управувањето со правниот и регулаторниот ризик.
Напомена: Сите податоци за прекршочните постапки и активности на КЗК во 2025 година се земени од официјалните одлуки објавени на веб-страната на Комисијата за заштита на конкуренција (kzk.gov.mk).
Автор:
Јасмина Илиева Јовановиќ
Партнер-Адвокат
email: ilieva@ddklaw.com.mk
