08.08.2022
Генералната рамка за донации и спонзорства во Република Северна Македонија е уредена со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, каде што главната и основната цел е подобрување на личниот и заедничкиот живот на граѓаните, здруженијата на граѓаните и фондациите, како и правните и физичките лица, преку остварување на јавниот интерес, што воедно придонесува за нивната економска благосостојба и социјалната правда. Додека пак дополнителен бенефит кој донаторите и спонзорите го остваруваат се одредени даночни поттикнувања. Остварувањето на јавниот интерес преку донации и начинот на користење на даночни поттикнувања во спортот е посебно регулирана со Законот за спортот, Правилникот за начинот на користење на средствата од даночно поттикнување и Законот за данокот на добивка. Имено, Агенцијата за млади и спорт издава ваучер за користење на средства од даночно ослободување (кое се состои од намалување на пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок) на име на одреден спортски субјект, врз основа на кој давателот има право да направи донација на финансиски средства во износ најмногу до износот определен во ваучерот на посебна наменска сметка на тој конкретен спортски субјект. Користењето на правото за намалување на пресметаниот данок на добивка го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности за дадени донации во спортот. Давателот како даночен обврзник кој го користи ова даночно ослободување може да донира во еден спортски субјект од секој вид спорт. По исклучок давателот може да донира во два спортски субјекти од ист вид на спорт, само доколку едниот субјект е националнa спортскa федерациja, a другиот спортски субјект е спортски клуб или активен спортист кој се натпреварува во индивидуален спорт.