НОВ ЗАКОН ЗА ПАРИЧНА ПОСТАПКА

Објавено на 28.09.2026

Нов Закон за парничната постапка: клучни новини и почеток на примената

 На 8 јули 2026 година во „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 151/2026 беше објавен новиот Закон за парничната постапка („нов/иот ЗПП“). Со неговото донесување се врши, меѓу другото, усогласување со Директивата 2008/52/ЕЗ на Европскиот парламент и на Советот од 21 мај 2008 година во врска со одредени аспекти на медијацијата во граѓански и трговски спорови (CELEX бр. 32008L0052).

Новиот ЗПП влезе во сила на 16 јули 2026 година, а ќе започне да се применува од 16 јануари 2027 година, односно по истекот на шест месеци од денот на неговото влегување во сила.

По исклучок, одредбите од членот 103 од Новиот ЗПП, кои се однесуваат на:

  • одржување рочишта и расправи на далечина;
  • изведување поединечни докази на далечина со употреба на средства за електронска комуникација;
  • електронски документи;
  • електронска достава;
  • употреба на квалификуван електронски потпис; и
  • дигитализирани примероци на судски одлуки и записници,

ќе започнат да се применуваат по истекот на 18 месеци од денот на влегувањето во сила на законот.

Примена на преодните одредби

Преодните и завршните одредби уредуваат како ќе се применува законот во постапките што се во тек.

Имено, ако до денот на започнување на примената на новиот ЗПП е донесена првостепена пресуда или решение со кое постапката пред првостепениот суд се завршува, постапката ќе продолжи согласно со досегашниот Закон за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015).

Меѓутоа, ако по започнувањето на примената на новиот ЗПП биде укината првостепената одлука донесена согласно со досегашниот закон, натамошната постапка ќе се спроведува согласно со новиот ЗПП.

Најзначајни новини

Новиот ЗПП воведува повеќе новини во постапувањето на странките, нивните полномошници и судот. Најзначајните се следните.

Привремен застапник и застапување

Трошоците за привремениот застапник првично паѓаат на товар на судот, а последователно се надоместуваат согласно со правилата за надомест на трошоците во постапката.

Дополнително, адвокатот може да биде заменуван од адвокатски стручен соработник со положен правосуден испит, вработен кај него, или од друг адвокат, со согласност на странката. Ова претставува проширување во однос на досегашното решение, според кое адвокатскиот стручен соработник со положен правосуден испит можеше да застапува само во спорови со вредност до 1.000.000 денари.

Електронска комуникација и достава

Новиот ЗПП предвидува можност, но и обврска за поднесување поднесоци во електронска форма.

Странките ќе можат да ги поднесуваат поднесоците електронски, додека адвокатите, Државното правобранителство, државните органи, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа, правните лица и лицата на кои им се пренесени јавни овластувања ќе имаат обврска да постапуваат на овој начин.

Предвидена е и можност за непосредно доставување поднесоци меѓу странките, како препорачана пратка преку пошта, освен за писмената за кои законот предвидува лично доставување.

Иако електронската достава од страна на судот до одредени категории учесници во постапката не претставува целосно нов институт, значајна новина е можноста странките самите да ги поднесуваат своите поднесоци во електронска форма. Ова се очекува да го олесни постапувањето, особено за адвокатите и другите полномошници.

Новиот ЗПП предвидува и парична казна за лицето кое неоправдано одбива да прими писмено или на друг начин намерно ја попречува, оневозможува или отежнува доставата.

Увид и фотографирање на списите

Во рамки на правото на разгледување и препишување на списите од предметот, покрај досегашните можности за разгледување, препишување и копирање, се воведува и можност за фотографирање на списите.

Писмена изјава од сведок

Една од позначајните новини е можноста за поднесување писмена изјава од предложен сведок за фактите за кои тој треба да биде сослушан на рочиштето.

Изјавата мора да биде:

  • потврдена со квалификуван електронски потпис на сведокот; или
  • потпишана со своерачен потпис од сведокот и заверена кај нотар.

Ако судот ја повика странката да достави писмена изјава од сведокот што го предложила, а странката не го стори тоа, судот ќе го изведе доказот со сослушување на сведокот само ако странката стори веројатно дека неуспешно се обидела да обезбеди писмена изјава.

Поактивна улога на судот

Новиот ЗПП предвидува поактивно учество на судот во постапката. Така, судот ќе може да определи вештачење и без предлог на странка, доколку оцени дека тоа е потребно за правилно и целосно утврдување на фактите и фактичката состојба.

Во однос на предлагањето на вештачењето, странката што предлага ваков доказ ќе мора да го определи предметот на вештачењето и да предложи конкретно лице за вештак. Судот предлогот ќе го достави до спротивната странка заради изјаснување.

Ако спротивната странка не се спротивстави, судот ќе определи вештачењето да го изврши предложениот вештак. Доколку има спротивставување, вештакот ќе се определува по електронски пат, со примена на правилото на случаен избор од регистарот на вештаци, во присуство на странките или нивните застапници.

Одговор на тужба

Рокот за поднесување одговор на тужба е уреден како фиксен рок од 30 дена. Ова е различно од досегашното решение, според кое рокот можеше да изнесува најмалку 15 дена, а најмногу 30 дена.

Рочишта и докази на далечина

Судот ќе може да одржи рочиште на далечина или да изведе поединечни докази со употреба на средства што обезбедуваат двонасочна електронска комуникација и аудиовизуелен приказ во реално време преку затворен информациско-комуникациски систем.

Ова ќе биде возможно кога постои опасност од одложување на рочиштето или кога постојат правни или фактички пречки за негово одржување на вообичаен начин. Одредбите што го регулираат овој начин на постапување ќе започнат да се применуваат по истекот на 18 месеци од денот на влегувањето во сила на законот.

Временска рамка за водење на постапката

Судот ќе има обврска уште на подготвителното рочиште да ја определи временската рамка за водење на постапката и за тоа да донесе посебно решение.

Со решението може да се определат:

  • бројот на рочиштата за главната расправа;
  • денот и часот на нивното одржување;
  • распоредот за изведување на доказите, доколку тоа е возможно.

Сепак, судот нема да биде строго врзан за првично определената временска рамка. Во текот на постапката ќе може да ја измени или дополни, при што ќе ги извести странките.

Отсуство од подготвително рочиште и главна расправа

Новиот ЗПП предвидува поинакви последици во случај на отсуство на странките.

Ако на подготвителното рочиште не се појави тужителот или тужениот, а не се исполнети условите за донесување пресуда поради изостанок, или ако не се појават ниту тужителот ниту тужениот, судот ќе го одложи рочиштето и ќе закаже ново во рок од 15 дена.

Слично правило се применува и за првото рочиште за главна расправа. Одложувањето во таков случај ќе биде дозволено само еднаш, а новото рочиште треба да се закаже во рок од 15 дена од денот на одложеното рочиште.

Судско порамнување

Предвидена е можност за побивање на склучено судско порамнување, но само со тужба и во точно определени случаи, нешто што во досегашниот ЗПП не беше предвидено.

Покрај тоа, странката или друго лице што има правен интерес ќе може да бара поништување на судското порамнување во рок од 30 дена од денот кога дознало за причината за поништување. Ова право нема да може да се оствари по истекот на три, односно пет години од денот на склучувањето на порамнувањето, зависно од тоа дали поништувањето го бара странката или лице кое има правен интерес.

Вонредни правни лекови

Новиот ЗПП воведува промени и во делот на ревизијата, особено во однос на:

  • правните основи за поднесување ревизија; и
  • можноста за поднесување ревизија против второстепена одлука против која по правило не е дозволена ревизија.

Во вакви случаи, согласно со новото законско решение, ќе одлучува Врховниот суд на Република Северна Македонија.

Спорови од мала вредност

Вредносната граница за спорови од мала вредност се намалува од 600.000 денари, колку што изнесуваше согласно со досегашниот ЗПП, на 200.000 денари согласно со Новиот ЗПП.

Без оглед на вредноста на спорот, за спорови од мала вредност нема да се сметаат споровите што се однесуваат на:

  • недвижности;
  • работни односи од статусен карактер;
  • авторски и сродни права;
  • заштита и употреба на правата од индустриска сопственост;
  • право на употреба на фирма или назив;
  • нелојална конкуренција и монополистички однесувања; и
  • смеќавање на владение.

Дополнителна новина е настојувањето постапката да се спроведува врз основа на писмени дејствија. Секоја странка ќе има право да поднесе само еден подготвителен поднесок, додека главната расправа ќе се одржува само ако тоа го предложи една од странките или ако судот оцени дека е потребно.

Заштита на колективните интереси и права

Новиот ЗПП воведува целосно нова глава посветена на постапката за заштита на колективните интереси и права, вклучително и правата и интересите на потрошувачите.

Како тужители можат да се појават здруженија, фондации, установи и други организации основани согласно со закон, кои во рамки на својата регистрирана или законски определена дејност се занимаваат со заштита на колективни интереси и права или со заштита на правата на потрошувачите.

Колективните интереси и права чија заштита се бара со тужбата можат да се однесуваат, меѓу другото, на:

  • заштита на животната средина;
  • спречување дискриминација;
  • заштита на потрошувачите;
  • здравствени права; и
  • други со закон заштитени интереси и права.

За да биде основана ваквата тужба, интересите и правата треба да бидат потешко повредени или сериозно загрозени со дејствие, постапување или пропуштање на постапување од страна на тужениот.

Пред поведувањето или во текот на постапката, на предлог на тужителот, судот може да определи привремена мерка ако тужителот стори веројатно дека:

  1. тужениот постапил на начин со кој ги повредил или сериозно ги загрозил колективните интереси и права чија заштита се бара; и
  2. определувањето на привремената мерка е потребно за да се спречи употреба на сила или настанување ненадоместлива штета.

Со привремената мерка судот може, на предлог на тужителот, привремено да ги определи правилата според кои тужениот ќе постапува при вршењето на својата дејност, во согласност со побараната измена или дополнување на неговите правила или практика.

Практично значење

Иако во значителен дел новиот ЗПП ја задржува структурата и основните решенија од досегашниот Закон за парничната постапка, тој воведува бројни новини што можат значително да влијаат врз секојдневното водење на граѓанските и трговските спорови.

Особено значајни се дигитализацијата на постапката, електронското поднесување и доставување, поактивната улога на судот во доказната постапка, воведувањето временска рамка за водење на постапката, поефикасното постапување во споровите од мала вредност и можноста за заштита на колективните интереси и права.

Овие измени имаат за цел да ги уредат попрецизно правата и обврските како на странките, така и на судот, да го намалат обемот на хартиена документација и трошоците за достава, како и да овозможат поефикасно решавање на дел од споровите без физичко присуство во судот. Практичната примена на новите правила ќе бара навремена подготовка на странките, адвокатите и судовите, особено во делот на електронската комуникација и примената на преодните одредби.

 

Share this: