Донација во спортот

Објавено на 08.08.2022

Генералната рамка за донации и спонзорства во Република Северна Македонија е уредена со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, каде што главната и основната цел е подобрување на личниот и заедничкиот живот на граѓаните, здруженијата на граѓаните и фондациите, како и правните и физичките лица, преку остварување на јавниот интерес, што воедно придонесува за нивната економска благосостојба и социјалната правда. Додека пак дополнителен бенефит кој донаторите и спонзорите го остваруваат се одредени даночни поттикнувања. Остварувањето на јавниот интерес преку донации и начинот на користење на даночни поттикнувања во спортот е посебно регулирана со Законот за спортот, Правилникот за начинот на користење на средствата од даночно поттикнување и Законот за данокот на добивка. Имено, Агенцијата за млади и спорт издава ваучер за користење на средства од даночно ослободување (кое се состои од намалување на пресметаниот данок на добивка за износот на донираните средства, но најмногу до 50% од пресметаниот данок) на име на одреден спортски субјект, врз основа на кој давателот има право да направи донација на финансиски средства во износ најмногу до износот определен во ваучерот на посебна наменска сметка на тој конкретен спортски субјект. Користењето на правото за намалување на пресметаниот данок на добивка го исклучува правото на даночно поттикнување кај данокот на добивка согласно со Законот за донации и спонзорства во јавните дејности за дадени донации во спортот. Давателот како даночен обврзник кој го користи ова даночно ослободување може да донира во еден спортски субјект од секој вид спорт. По исклучок давателот може да донира во два спортски субјекти од ист вид на спорт, само доколку https://ddklaw.com.mk/new/wp-admin/post.php?post=6249&action=edit&lang=mk#едниот субјект е националнa спортскa федерациja, a другиот спортски субјект е спортски клуб или активен спортист кој се натпреварува во индивидуален спорт.

Закон за заштита на личните податоци и усогласувањето со неговите одредби

Објавено на 04.07.22

Новиот закон за заштита на личните податоци („ЗЗЛП„) беше донесен и објавен во 2020 година, следејќи ја, скоро во целост, содржината на Европската регулатива за заштита на лични податоци („GDPR”) особено во поглед на територијалната примена на законот, обврската за задолжително именување на офицер за заштита на лични податоци, обврските на контролорите и обработувачите на лични податоци, спроведување на проценка на влијанието на заштитата на личните податоци, известување при нарушување на безбедноста на лични податоци, итн..

 

Слично како со GDPR, и ЗЗЛП, определи период од 18 месеци за усогласување на контролорите и обработувачите со одредбите од ЗЗЛП. Дополнително, истиот период беше предвиден за носење на подзаконските акти, пришто Агенцијата за заштита на личните податоци (правниот следбеник на Дирекција за заштита на лични податоци) („Агенција„) истите ги донесе во текот на месец мај 2020 година, со што се комплетираше законската регулатива за личните податоци. Измени на законот беа објавени кон крајот на декември 2021 година, но истите беа само во насока на терминолошко усогласување на постоечките одредби. Во истиот период, од страна на Агенцијата беа донесени и стандардните договорни клаузули за договорите за обработка склучени на релација контролор-обработувач, како и клаузули за цели на пренос на лични податоци во трети земји.

 

Предвидениот период за усогласување со одредбите од ЗЗЛП истече на 24 август 2021 година, после што во соопштение на Министерството за правда на РСМ беше оставен дополнителен шест месечен период за усогласување на контролорите и обработувачите со одредбите на ЗЗЛП, во којшто период, засегнатите контролори и обработувачи не беа предмет на изрекување на глоби од Агенцијата, доколку Агенцијата, по своја иницијатива или по доставено барање од трети лица, утврдеше дека истите не се усогласени со одредбите на ЗЗЛП.

 

Сепак, по скоро една година од изминувањето на периодот на усогласеност со ЗЗЛП, овој процес е актуелен и баран како услуга особено за адвокатските друштва и адвокати што активно ја работат оваа област. Во таа насока, Адвокатското друштво ДДК е гордо што листата на задоволни клиенти усогласени со одредбите од ЗЗЛП се повеќе расне, земајќи во предвид дека новата регулатива секојдневно поттикнува нови дилеми коишто се голем предизвик за нашиот тим.

„Истискувањето“ на малцинските акционери во компаниите

Објавено на 04.07.22

„Истискувањето“ на малцинските акционери во компаниите во Република Северна Македонија наскоро ќе стане реалност. Измените на Законот за трговски друштва со кои се планира да се овозможи принудно купување и продавање акции, но и подетално регулирање на холдингот и концернот влегуваат во нова фаза.

Со предложените измени се предвидува регулирање на принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ кај акционерските друштва со доминантна и концентрирана сопственичка структура каде еден мнозински акционер поседува над 95% од акциите со право на глас, материја која досега не беше регулирана, освен во Законот за преземање на акционерските друштва каде што ова „истискување“ се случува само по успешно спроведена постапка за преземање (само во одреден временски период). Регулирањето на принудното купување и продавање акции во Законот е неопходно да се направи, пред се поради тоа што, како резултат на концентрираната сопственичка структура кај одредени акционерски друштва постои ниска ликвидност на нивните акции на берзата, како и мало учество на акциите во посед на јавноста. Согласно измените, во процесот на „истискување“ јасно се пропишуваат и дефинираат обврските на доминантниот акционер што вклучува обврска за задолжително купување на акциите на малцинските акционери, односно соодветно пропишување на правата на малцинските акционери да бараат принудна продажба на нивните акции на доминантниот акционер во законска процедура која обезбедува фер, транспарентен и коректен третман.

Со предложените измени подетално се регулира и холдингот, односно концернот како форми на поврзување на друштвата, поради воочена потреба да се уредат поединости и специфичности за функционирањето на холдинг компаниите, односно концерните, пред се од аспект на нивно управување, преку склучување соодветни договори помеѓу друштвата, соодветни измени во даночната регулатива, а се со цел практично ефектуирање на придобивките од холдингот, по примерот на земјите од регионот, но и од Европската унија.

Закон за платежни услуги и платни системи

Објавено на 09.06.22

Долго најавуваниот Закон за платежни услуги и платни системи конечно е донесен и објавен во Службен Весник на Република Северна Македонија број 90 на 12 Април 2022 година. Со овој закон пред се се врши усогласување на домашното законодавство со ЕУ Директивата за платежни услуги (2015/2366/ЕЗ) позната како PSD2” директива, како и останати актуелни ЕУ директиви за електронските пари и услуги во платниот промет.

Сo овој закон се либерализира пазарот за платежни услуги преку овозможување на влез на платежни институции, кои не се банки, а кои исто како и банките, ќе извршуваат одделни услуги во платниот промет и издавањето на електронски пари. На македонскиот пазар, скроен по европски терк, ќе може да влезат странски платежни институции кои веќе оперираат на европскиот пазар, но, истовремено ќе поттикне и основање и на домашни платежни институции, што ке ја зајакне конкуренцијата на пазарот и ќе ја зголеми понудата на најразлични иновативни начини на електронско плаќање.

Во поглед на интензивирањето на употребата на електронско плаќање, законот предвидува конкретни правила за засилена автентикација на потрошувачите со цел да се намали ризикот од злоупотреби и измами.

Покрај останатите новитети, законот предвидува нови платежни услуги како што се услуга за иницирање плаќања и услуга за давање информации за платежни сметки. Се зајакнуваат правата на потрошувачите за нивно информирање за условите за користење на услугите. Се регулираат картични платежни шеми, а се ограничуваат меѓубанкарските надоместоци со платежни картички.

Законот стапува на сила на 01.01.2023 година, по што се очекува македонскиот пазар на платежни услуги да се раздвижи со присуство на нови играчи, а со тоа позитивните ефекти да се почуствуваат и на останати бизнис сегменти.

Измени на Законот за трговските друштва

Објавено на 09.06.22

 

Со последните измени на Законот за трговските друштва од април 2022 година, дојде до проширување на можноста за трансформација на заем во влог во постапка на зголемување на основна главнина кај друштво со ограничена одговорност, која можност претходно беше исклучиво резервирана само за заемите дадени од самиот единствен содружник во ДООЕЛ (додека во пракса, содружниците во ДОО беа изземени од таквата можност).

Со новите измени таквата можност сега им се дава и на трети лица – инвеститори, односно заемодавачи, така што им се дава можноста на истите во одреден момент да станат содружници во друштвото, преку трансформација на заемот кој го имаат дадено на друштвото, во влог во тоа друштво.

Ваквото право за трансформација на заем во влог на трети лица ќе биде временски ограничено на три години од денот на потпишување на таков договорот за заем, и дополнително ќе подлежи на одредени формалности со цел спроведување на постапката за трансформација на заем во влог. Во секој случај, останува да видиме како овој нов механизам ќе влијае на климата на инвестирање и финансирање на друштва во Република Северна Македонија, особено пристапот на инвеститорите во start-up компаниите.