Објавено на 09.06.22
Со последните измени на Законот за трговските друштва од април 2022 година, дојде до проширување на можноста за трансформација на заем во влог во постапка на зголемување на основна главнина кај друштво со ограничена одговорност, која можност претходно беше исклучиво резервирана само за заемите дадени од самиот единствен содружник во ДООЕЛ (додека во пракса, содружниците во ДОО беа изземени од таквата можност).
Со новите измени таквата можност сега им се дава и на трети лица – инвеститори, односно заемодавачи, така што им се дава можноста на истите во одреден момент да станат содружници во друштвото, преку трансформација на заемот кој го имаат дадено на друштвото, во влог во тоа друштво.
Ваквото право за трансформација на заем во влог на трети лица ќе биде временски ограничено на три години од денот на потпишување на таков договорот за заем, и дополнително ќе подлежи на одредени формалности со цел спроведување на постапката за трансформација на заем во влог. Во секој случај, останува да видиме како овој нов механизам ќе влијае на климата на инвестирање и финансирање на друштва во Република Северна Македонија, особено пристапот на инвеститорите во start-up компаниите.