„Истискувањето“ на малцинските акционери во компаниите во Република Северна Македонија наскоро ќе стане реалност. Измените на Законот за трговски друштва со кои се планира да се овозможи принудно купување и продавање акции, но и подетално регулирање на холдингот и концернот влегуваат во нова фаза.
Со предложените измени се предвидува регулирање на принудното купување и продавање акции или т.н. „истискување“ кај акционерските друштва со доминантна и концентрирана сопственичка структура каде еден мнозински акционер поседува над 95% од акциите со право на глас, материја која досега не беше регулирана, освен во Законот за преземање на акционерските друштва каде што ова „истискување“ се случува само по успешно спроведена постапка за преземање (само во одреден временски период). Регулирањето на принудното купување и продавање акции во Законот е неопходно да се направи, пред се поради тоа што, како резултат на концентрираната сопственичка структура кај одредени акционерски друштва постои ниска ликвидност на нивните акции на берзата, како и мало учество на акциите во посед на јавноста. Согласно измените, во процесот на „истискување“ јасно се пропишуваат и дефинираат обврските на доминантниот акционер што вклучува обврска за задолжително купување на акциите на малцинските акционери, односно соодветно пропишување на правата на малцинските акционери да бараат принудна продажба на нивните акции на доминантниот акционер во законска процедура која обезбедува фер, транспарентен и коректен третман.
Со предложените измени подетално се регулира и холдингот, односно концернот како форми на поврзување на друштвата, поради воочена потреба да се уредат поединости и специфичности за функционирањето на холдинг компаниите, односно концерните, пред се од аспект на нивно управување, преку склучување соодветни договори помеѓу друштвата, соодветни измени во даночната регулатива, а се со цел практично ефектуирање на придобивките од холдингот, по примерот на земјите од регионот, но и од Европската унија.